Народниот Зелен договор за Северна Македонија

Преземено од The Climate Herald, оригиналната статија можете да ја прочитате овде.

Често зборуваме за тоа како треба да го реобмислиме начинот на функционирање на нашите економии и општества, како треба да се тргнеме од идејата за бесконечен економски раст, како треба да престанеме да го гледаме БДП како беспрекорна мерка за успех, како треба да се придвижиме кон нови „системи“ кои обезбедуваат просперитет и сигурност за секого. Но, како би изгледало тоа? Пред неколку години, концептот „Зелен договор“ или „Зелен нов договор“ [Green (New) Deal] стана општо прифатено име за стигнувањето до ваков систем. Низ оваа рамка, би се бореле против климатската криза, неправдите и нееднаквостите што фрлаат мрачен облак врз светот во кој живееме. Зелениот договор е дефиниран од активисти, академици и политичари на различни и честопати контрадикторни начини. Во текот на изминатите неколку месеци, растечката група на граѓани, иницијативи и организации дизајнира и развива рамка која ќе стане Зелен договор за Северна Македонија.

На 11-ти декември 2019 година, пред речиси една година, Европската комисија започна свој сопствен Европски Зелен договор, документ од 24 страници во кој е наведен радикалниот потфат со крајна цел Европската Унија да стане јаглеродно-неутралена до 2050-та година. Планот ќе влијае на секоја област од животот каков што го знаеме од економијата, до зачувување на биолошката разновидност, земјоделството и се разбира, енергијата.

Европскиот зелен договор, сепак, добива широки критики дека е уште една вежба за „зелено миење“ (greenwashing) што продолжува да инсистира на економски раст преку ‘зелени очила’, претпоставувајќи дека можеме да продолжиме да живееме како што живееме со едноставно преминување од фосилни горива во обновлива енергија.

Коалицијата на иднината

Но, Зелениот договор не е термин што го користат единствено креаторите на политики. Граѓаните, граѓанските движења и организациите низ целиот свет ја искористија можноста да развијат свои проекти за Зелен договор со намера да ги водат и да вршат притисок врз нивните влади да дизајнираат поздрави општества и подобра иднина од темел.

Еден таков пример е Коалицијата на иднината, формирана во февруари 2020 година и предводена од Колектив Зет – Young Friends of the Earth Macedonia. Заедно со се’ поголем број на локални организации и иницијативи, Коалицијата ги поставува темелите на Зелениот договор за Северна Македонија преку отворен и далекусежен дијалог со цел да обезбеди што е можно повеќе пресеци на општественото живеење да бидат реално претставени во крајната визија за национален Зелен договор.

Македонскиот Зелен договор во моментов е изграден околу 9 тематски области (или контури), имено:

  1. Партиципативни начини на управување и донесување одлуки
  2. Одржливи системи за култивација и дистрибуција на храна и рурални области
  3. Декарбонизација, децентрализирање и обновување на енергетскиот систем
  4. Природен капитал: заштита и обновување на екосистемите
  5. Јавно здравје и прочистување на воздухот, водите и почвата
  6. Социјална праведност и пристап до достоинствена работа
  7. Уметност, култура, образование и градење на вештини и знаења
  8. Циркуларна економија: одржливо производство, потрошувачка и трговија
  9. Финансирање на транзицијата

Зелено и праведно закрепнување по КОВИД-19 пандемијата

Еден месец по здружувањето на Коалицијата, светот успори заради брзото ширење на коронавирус пандемијата до практично секој агол на земјината топка. Пандемијата дополнително ги истакна кревкоста и слабостите на глобалните економски структури и потребата од нивно реобмислување и обнова. Како веќе ранлив регион, Западниот Балкан е погоден прилично силно од пандемијата и значителна борба со социјалните и економските последици од пандемијата допрва следи. Со првиот круг на дискусии за Зелен договор сè уште свеж, Колектив Зет – Young Friends of the Earth Macedonia заедно со SEENET (South East Europe Network on Energy and Transport) исто така отворија дијалог со групи и движења од целиот регион преку Балканскиот регионален форум и колаборативниот документ со цел да се состави Балкански План за зелено и праведно закрепнување со намера потоа да се постават и темелите на Балканскиот Зелен договор.

Следни чекори

Оттогаш, Коалицијата на иднината продолжи да работи на развивање на контурите за Зелен договор за Северна Македонија, вклучувајќи ги неодамнешните разговори со Министерството за животна средина и просторно планирање, кои треба да се осигураат да крајниот производ биде земен во предвид на ниво на градење релевантни политики.

Коалицијата исто така ја финализира онлајн платформата Зелен Глас што ќе служи како алатка за луѓето да ги внесат своите мисли и визии за идеалното општество во кое сакаат да живеат во 2030-та година, а со тоа да придонесат и со креирањето на Зелениот договор за земјата.

10 месеци по првиот состанок на Коалицијата, светот е многу поинакво место, но потребата за активно креирање на социјално и еколошки праведна иднина е поургентна сега од кога и да било. Во понеделник, на 30-ти ноември, Коалицијата за иднината ќе се состане онлајн за да ја прошири и продлабочи работата започната пред пандемијата во февруари. Зелениот договор за Северна Македонија треба да ги претставува потребите и да се справува со борбите на различните заедници и сите делови во општеството и тоа може да го постигне само доколку сите сектори и заедници се претставени и се вклучат во овие дискусии. Коалицијата на иднината ги поканува заинтересираните граѓани и организации да се вклучат во дискусијата со цел да помогнат во дизајнирањето на праведна и одржлива иднина за секој во државата.

The Climate Herald објавува редовни написи поврзани со климатската криза засновани на научни истражувања и разговори со специјалисти од овие области. Наша цел е да обелоденуваме како климатскиот колапс влијае на секој аспект од нашите животи, какви решенија ни се достапни и што треба да се смени за решавање на најголемиот проблем на денешнината.

Автор: Џеј Ди Фаруџиа | Превод и адаптација: Симона Гетова

Џеј Ди работи како проектен менаџер и менаџер на кампањи во приватниот и во граѓанскиот сектор, како и во областа на уметноста и културата од 2010. Некои од овие улоги вклучуваат: управител на граѓанска организација фокусирана на одржлив риболов, креирање и координирање на програми за граѓанско општество и координација на програмата на локален театар. Џеј Ди има МSс во Менаџмент со животната средина и Планирање и завршено додипломски студии во Психологија на Универзитетот во Малта. Тој во моментот е вклучен во различни проекти поврзани со екологијата и животната средина, како и уметнички проекти во Малта, Северна Македонија и на европско ниво.

Симона е докторант во областа на политичката екологија на катедрата за политички и социјални науки на Универзитетот Помпеу Фабра во Барселона. Таа е организатор за климатска и социјална правда и работи на пресеците на политичкото образование, управувањето и колективното делување за социјално-праведни и еколошко-здрави заедници на Балканот и пошироко.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *