Писмо за Стратегија за климатска акција од Коалицијата на иднината

Врз база на објавеното известување од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање за ставање на јавен увид и спроведување јавна расправа по Нацрт-извештај за Стратегиска оцена на животната средина на Долгорочната стратегија за климатска акција на Република Северна Македонија за периодот 2020 – 2050 год., Коалицијата на иднината, на датум 27.04.2021, го поднесе следното писмо:

Мислење врз база на јавен увид и спроведување јавна расправа по Нацрт-извештај за Стратегиска оцена на животната средина на Долгорочната стратегија за климатска акција на Република Северна Македонија за периодот 2020 – 2050 год.

Почитувани,

Ова писмо го пишуваме од име на Коалиција на иднината – здружени организации и индивидуи кои во изминатиот период активно работат кон колективно визионирање и дискутирање на собраните визии од платформата за партиципативна демократија Зелен глас, на различни тематики, со цел формирање на националниот Зелен договор заедно со сите граѓани од различни сфери и области.

Дел од наши членови присуствуваа на јавната расправа, а ова писмо го доставуваме како дополнителен документ со предлози кон Долгорочната стратегија за климатска акција.

Наше убедување е дека, со оглед на сериозноста и ургентноста на климатската криза, еден документ во кој се адресира долгорочната стратегија на државата за климатска акција во следните 30 години, мора да тргнува од тоа што може максимум да се направи, а не минимум. Наспроти тоа, Нацртот на Долгорочна стратегија за климатска акција на Република Северна Македонија остава впечаток дека мотивацијата била колку што е можно помалку да се направи. 

Во оваа насока, особено треба да се земе предвид дека Република Северна Македонија во следните 30 години веројатно ќе стане и членка на Европската Унија, а со тоа од неа ќе се бара поамбициозно преземање мерки за ублажување на климатската криза.

Согласно ова, ги доставуваме нашите неколку предлози во однос на Стратегијата:

1) Во поглавјето „4.4.2. Вкупни резултати на ЗШДУЗ“ (53 стр.), како и во објаснувањето кај сликите 29 и 30 (58 и 59 стр.) да се објасни зошто апсорпцијата на стакленички гасови во 1990 година е толку ниска. Отсуството на вакво експлицитно објаснување создава погрешен впечаток кај читателите на Стратегијата дека од 1990 до 2016 година е постигнат огромен напредок во секторот шуми (од -207 на -3.253 Gg CO2-eq), додека реалноста кажува дека дошло до мал пораст на шумскиот фонд во овој период, а разликата во однос на апсорпцијата на стакленички гасови се должи на споредбата помеѓу година со високо ниво на шумски пожари (1990) и година со ниско ниво шумски пожари (2016). А пак фактот дека шумските пожари се исклучително важен фактор за тоа дали шумите ќе бидат значителен апсорбер на стакленички гасови или ќе станат дури и самите емитер на стакленички гасови, посочува на важноста посебно внимание во Стратегијата да се посвети на мерките за минимизирање на шумските пожари.

Во иста насока, на 15 стр., каде што се наведува дека емисиите на стакленички гасови од 2016 година се намалени за 34,6% во споредба со емисиите од 1990 година, помеѓу причините што се наведени (намаленото производство на електрична енергија од домашен лигнит, промената на горивото (зголемена употреба на природен гас), како и намаленото индустриско производство) да се наведе дека за 1990 година има нетипично ниско ниво на апсорпција на стакленички гасови од шумите, поради што процентот на намалување на стакленичките гасови од 1990 до 2016 година во реалноста е далеку помал одошто тоа го покажуваат статистичките податоци. Избегнувањето да се спомне овој податок остава впечаток дека намерно се сака да се креира перцепција кај граѓаните, донесувачите на одлуки во државата и кај меѓународната јавност дека ние како земја сме направиле многу повеќе отколку што тоа соодветствува на реалноста.

2) Поразително делува фактот дека дури во четири од вкупно петте сектори не се предвидени дополнителни мерки во WAM сценариото во однос на WЕM сценариото (табела 3 на 32 стр.). Тоа го засилува впечатокот дека Стратегијата не прави доволно за да ги ублажи последиците од климатските промени, дека се задоволува со она што е минимум климатска акција наместо да го извлече максимумот. Бараме во секој од овие сектори (ИПКП, Земјоделие, Шуми и Отпад) да се предвидат дополнителни мерки. Триесет години е доволно долг временски период за да се преземат поамбициозни мерки наместо да има самозадоволство поради мерките што веќе се преземени или се планираат да се преземат. Можното потфрлање на мерките во секторот енергетика мора да се надомести во планирање дополнителни мерки кај четирите преостанати сектори (ИПКП, Земјоделие, Шуми и Отпад).

3) Во Стратегијата треба подетално да се образложи тврдењето дека ќе се зголеми производството на електрична енергија од хидроцентралите од 1,1 TWh во 2017 година на 4,2 TWh во 2050 година (нормализирано) (38 стр.). Станува збор за клучен елемент од целата Стратегија во делот на енергетската транзиција, при што се тврди дека за 30 години ќе дојде до речиси четирикратно зголемување (380%) на производството на електрична енергија од хидроцентралите, кое зголемување е исто така за цели 50% повисоко од производството на електрична енергија од електраните на јаглен во 2017 година (2,8 TWh). Бидејќи ова тврдење за зголемување на производството на електрична енергија од хидроцентралите на 4,2 TWh во 2050 година не е образложено во Стратегијата, се наметнува прашањето: колку тоа е реално? Колку овој клучен елемент на целата Стратегија е повеќе втемелен врз надежите отколку врз реалните проекции? Ова особено ако се има предвид дека климатските промени ќе доведат до значително намалување на врнежите, а со тоа ќе дојде до намалување како на расположливата вода за пиење, а и на водниот потенцијал на реките. Се чини дека овој фактор воопшто не бил земен предвид при проценката за производството на електрична енергија од хидроцентрали, иако самата Стратегија посочува дека „Македонија ќе се соочи со потопла и посува клима во иднина“ (21 стр.).

Покрај образложението за реалистичното на проекциите за производството на електрична енергија од хидроцентралите до 2050 година, Стратегијата мора да содржи експлицитна изјава дека градењето на нови хидроцентрали нема да се врши на штета на живиот свет.

Наместо да се проектира енормно зголемување на хидроенергијата, она што треба да се направи е да има поголемо потпирање врз сончевата енергија, врз енергетската ефикасност, како и врз подигнувањето на свеста и кај луѓето и кај економските субјекти дека е исклучително важно да се штеди енергијата. Во тој контекст, сметаме дека не може да се смета за климатска акција зборувањето за зголемување на вкупната потрошувачка на финална енергија. Рационалното искористување на енергијата ќе овозможи помала потрошувачка на енергија од фосилни извори и од хидроцентрали во споредба со проектираното во Стратегијата и ќе придонесе за намалување на стакленичките гасови. Што се однесува до можниот ефект што тоа би го имало врз БДП, тоа само го нагласува проблемот на вклучувањето на бруто загадувањето во мерењето на висината на БДП и на претворањето на економскиот раст од средство за постигнување благосостојба во цел сама за себе. Едноставно не можеме да зборуваме за сериозна климатска акција ако не го проблематизираме самиот концепт на БДП. Некои сектори треба да растат, но некои мора да опаѓаат. Потребна е квалитативна анализа кај кои сектори има пораст, а кај кои има пад наместо да се претпоставува дека растот на економијата како целина сам по себе значи подобрување на благосостојбата на луѓето.

Процесот на добивање на хидроенергија има значителни влијанија врз животната средина, економијата и општественото живеење, и доколку сакаме праведна енергетска транзиција не смееме да ивестираме во хидроцентрали било да се големи или мали, бидејќи не се обновлив извор на енергија! 

За навистина да имаме енергетска транзиција во стратегијата, и подоцна во споменатиот Акциониен план мора да се работи на системска трансофрмација која се фокусира на подобрите алтернативи за производство на енергија кои не го ставаат во опасност здравјето на луѓето и нивната природна околина. Исто така, мора да престанеме да ги задоволуваме потребите на инвеститорите и големиот бизнис и да инвестираме во корумпирани проекти кои дополнително придонесуваат за климатската и социјалната криза која ја имаме во голема мера денес. 

4) Меѓусекторска соработка е потребна за делување кон климатска акција, особено соработка на високо владино ниво и тоа кон мобилизирање на човечки ресурси и експертиза, со цел сигурност на спроведување на стратегијата за климатска акција во пракса. Во спротивност, овој документ без разлика на неговиот квалитет, може да остане без реална имплементација.

5) Промовирање на зелена транзиција (стр. 29) – нема јасни индикатори, рокови, буџет, изводливост, интеоперабилност и поврзаност помеѓу сродните институци. За усвојување и понатамошно коментирање на стратегијата за климатска акција потребен е акциски план со јасни индикатори, буџет за секоја активност што е планирана, реално планирање, базирано на фактичката состоба на терен.

Во прилог на овој документ ви ја доставуваме моменталната верзија на националниот Зелен договор кој содржи принципи и мерки посочени од граѓани на нашата земја за праведна системска трансформација. Според овој народен документ, неколку од предложените решенија на нашите гореспоменати предлози за конкретни мерки и барања се:

– Цeнтpaлнo и пapтиципaтивнo плaниpaњe, a дeцeнтpaлизиpaнo yпpaвyвaњe co природните добра
– Eκoлoшκa дeмoκpaтиja 
– Peoбмиcлyвaњe нa инcтитyциитe со цел да се даде до знаење дека истите се претставници на интересот на праведноста за сите граѓани, дури и за оние заедници кои се маргинализирани и заборавени од системот моментално
– Πpoшиpyвaњe нa eнepгeтcκaтa инфpacтpyκтypa дa oпфaќa зaeдници κoи мoмeнтaлнo живeaт вo eнepгeтcκa cиpoмaштиja
– Γpaдeњe нa фoтoнaпoнcκи цeнтpaли нa пocтojни (jaвни) oбjeκти, HE нa плoднo зeмjиштe и гeнepиpaњe eнepгиja пpeκy pe-yпoтpeбa нa вeќe пocтoeчκи oбjeκти
– Дeцeнтpaлизиpaнo yпpaвyвaњe co eнepгиjaтa пpeκy eнepгeтcκи κooпepaтиви зa oбнoвливa eнepгиja во сопственост на локалните заедници 
– Tpaнcпapeнтнocт и згoлeмeнo инфopмиpaњe и мeдиyмcκa пoκpиeнocт зa eнepгeтcκиoт ceκтop гeнepaлнo 
– Нудење на алтepнaтивнa соодветна и праведна paбoтa за ситe вpaбoтeни од кога ќе се зaтвopат објектите кои произведуваат енергија од фосилни горива

Веруваме дека Стратегијата за климатска акција мора да делува кон визиите на граѓаните и соодветно, експертите кои ја креираат стратегијата, сериозно и силно да ги почитуваат барањата на граѓаните и да се стремат со сценарио кон нивно реализирање.

Со почит и желба за меѓусекторска соработка кон вистинска климатска акција,

Коалицијата на иднината

Скопје, 27.04.2021

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *